Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и Аркин Јахија од Националната алијанса за интеграција ќе се соочат во вториот круг од изборите за градоначалник на Општина Брвеница, закажан за 1 ноември. Според првичните официјални резултати на Државната изборна комисија, Радичевски освоил 2.945 гласови, а Јахија 2.152.
Разликата меѓу двајцата кандидати е 793 гласа. Во тек се роковите за поднесување приговори до ДИК. Како што е наведено во прилогот, приговорите за постапката на гласање се поднесуваат во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, а за сумирањето и утврдувањето на резултатите во рок од 48 часа по нивното објавување.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го оцени резултатот како „убедлива и значајна победа“ и изрази очекување дека во вториот круг поддршката за нивниот кандидат ќе надмине 4.000 гласа.
„Ние пледираме на гласови од сите етнички заедници и благодарност на сите граѓани на Брвеница, без разлика на етничката припадност“, изјави Мицкоски.
Уверување во победа изрази и Јахија, кој порача: „Заедно ќе ја освоиме Општина Брвеница“.
Од СДСМ, чиј кандидат заврши на четвртото место, оценуваат дека довербата во партијата расте. Истовремено, ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека објавувала изборни резултати уште во саботата, кога гласале болните и затворениците, што, според СДСМ, е спротивно на Изборниот законик.
Од коалицијата Вреди, пак, порачаа дека поддршката за општинските проекти ќе продолжи независно од тоа која политичка опција раководи со локалната власт.
„Никогаш не сме правеле разлика кој ја менаџира општината, кој бил градоначалник и од која политичка партија бил. Општината добила поддршка без резерва за сите проекти што биле поднесени до Владата. Така ќе продолжиме и понатаму“, изјавија од Вреди.