По преземањето на трговскиот синџир „Тинекс“ од страна на косовската компанија „Проекс Интернационал“, во Централниот регистар се евидентирани нови промени во основната главнина на друштвото „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје. Според решението донесено денеска, 19 октомври, вкупната основна главнина на компанијата изнесува 5.445.200 евра.
Во документот, до кој дојде 4NEWS.mk, е наведено дека Централниот регистар одобрил упис на промени што опфаќаат зголемување на основната главнина, промена на основачите и промена на основната главнина.
Во финансиските податоци е евидентиран паричен влог од 1.605.000 евра, додека уплатениот дел и вкупната основна главнина се наведени во износ од 5.445.200 евра. Пријавата за промените била поднесена на 8 октомври, врз основа на одлука од 7 октомври, а нејзиното одобрување следувало единаесет дена подоцна.
Како сопственик на „Тинекс маркет“ е наведена компанијата „Проекс Интернационал ЛЛЦ“, со седиште во Приштина, Косово.
Станува збор за компанијата која претходно го презеде малопродажниот бизнис на „Тинекс-МТ“, во сопственост на семејството на бизнисменот Владимир Тодоровиќ. Преземањето беше официјализирано на почетокот на октомври, по претходно добиено одобрение од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Според претходно објавените информации, договорните активности започнале во јули, а новото друштво „Тинекс маркет“ било формирано како правен субјект преку кој ќе продолжи работењето на малопродажниот синџир.
Косовската „Проекс Интернационал“ е поврзана со групацијата што управува со синџирот супермаркети „Интерекс“ во Косово. Според претходните објави на финансискиот портал „Пари“, зад сопственичката структура стои косовскиот бизнисмен Шаип Микуловци, кој има доминантен удел во компанијата „ЦДИ Косово“, поврзана со „Проекс“.
По преземањето, за нов главен извршен директор на „Тинекс“ беше назначен Лиридон Бериша, додека германскиот менаџер Хубертус Рик беше ангажиран како советник за стратегија и раст.
Новиот сопственик претходно најави инвестиции во модернизација на маркетите, подобрување на снабдувањето, поконкурентни цени и обновување на довербата со добавувачите. Во официјалното соопштение беше нагласено и дека трговскиот синџир ќе продолжи да работи под препознатливиот бренд „Тинекс“.
Последните промени во Централниот регистар доаѓаат во период на реорганизација на компанијата по преземањето. Сепак, од решението не може да се утврди дали и во колкав износ новиот сопственик внел дополнителни средства, ниту колкава била купопродажната цена на трговскиот синџир. Износот на регистрираната основна главнина не ја претставува автоматски вредноста на трансакцијата.