Во пресрет на 24. издание на Детскиот Евросонг, македонската делегација веќе е во Малта, каде што започнаа активностите во рамки на т.н. „Јуниорска недела“.
Земјата годинава е домаќин на натпреварот каде Македонија, заедно со уште 15 држави, ќе се натпреварува на Детскиот Евросонг. Малта по третпат е домаќин на овој музички настан.
Македонија на натпреварот ја претставува Ана, која настапува со три балерини, a делегацијата е дочекана како вистински ѕвезди, а организацијата на настанот е опишана како на високо ниво.
„Денеска сме на големото отворање на Јуниор Визија во Малта и се чувствуваме преубаво. Енергијата е преубава, сите се дружиме и е многу убаво“, вели Ана во изјава за МРТ.
Таа додаде дека македонскиот тим е задоволен од почетокот на настанот и упати порака за поддршка: „Посакајте ни многу голема среќа и секако да гласаме за број дванаесет, за нашата земја Македонија.“
Сите може да ја поддржите Ана со порака за гласање преку формата достапна на официјалната веб страница на Детскиот Евросонг.