Потрагата по исчезнато лице во гостиварскиот регион е во тек, откако се појавиле индиции дека лицето било забележано во близина на реката Вардар. Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) испратила специјализирани тимови на терен по официјално барање од Полициската станица Гостивар.
Во акцијата се вклучени припадници на Тимот за брз одговор за спасување на води при ДЗС, со логистичка поддршка од Подрачното одделение во Гостивар. На терен е и заменик-директорот на ДЗС, Кашмир Салиу.
Потрагата се спроведува во координација со полициските службеници од ОВР Гостивар и локалните служби. Екипите го пребаруваат текот на Вардар, почнувајќи од критичните точки во градот, па сè до подрачјата низводно.
Од ДЗС информираат дека потрагата се одвива интензивно, и покрај специфичните услови на теренот и карактеристиките на речното корито. Тимовите ќе останат ангажирани сè до завршување на операцијата.
Надлежните упатуваат апел до жителите на Гостивар и околните населени места, доколку имаат информации за исчезнатото лице или забележат нешто сомнително долж речното корито, веднаш да го пријават тоа во полиција или кај надлежните служби за заштита и спасување. Информации може да се достават и на единствениот број за итни случаи 112.
Од Дирекцијата најавуваат дека јавноста ќе биде дополнително информирана за новите моменти во потрагата.