Македонија

Петровска: СДСМ ја губи поддршката на незадоволните од власта – тие гласови не доаѓаат кај нас

Петровска: СДСМ ја губи поддршката на незадоволните од власта – тие гласови не доаѓаат кај нас

Славјанка Петровска во „Ноќно студио“ на 4ТВ оцени дека во јавноста расте незадоволството од актуелната власт, но дека СДСМ не успева тоа расположение да го претвори во сопствена политичка поддршка.

Осврнувајќи се на изборните резултати во Брвеница, таа посочи дека губењето гласови од страна на владејачката партија не значи автоматски дека тие гласови ќе завршат кај СДСМ.

„Тоа само го потврдува она што го зборуваме и што го покажуваат и анкетите, дека расте проопозициското расположение, дека власта веќе е во немилост, но тие гласови не се насочуваат кон СДСМ како што би било природно“, истакна Петровска.

Според неа, токму ова е еден од клучните проблеми со кои треба да се соочи СДСМ: незадоволството од власта не се претвора во доверба кон најголемата опозициска партија.

Петровска смета дека причините за тоа треба да се бараат во политиките, одлуките и начинот на кој партијата функционирала во претходниот период.

Таа нагласи дека СДСМ мора да направи сериозна анализа на сопствените слабости и да спроведе реформи доколку сака повторно да стане привлечна за граѓаните.

Нејзината порака е дека политичката штета од погрешните одлуки не може да се надомести само со повикување на незадоволството од актуелната власт, туку со конкретна промена на политичкиот пристап и враќање на довербата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио во Славјанка Петровска 22.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни