Со свечена академија, положување цвеќе и доделување државни признанија, во земјава денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, посветен на историското формирање на Македонската револуционерна организација и борбата за автономија на Македонија.
На 23 октомври 1893 година, во Солун, била основана Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО), со цел извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба. Нејзината дејност подоцна кулминирала со Илинденското востание во 1903 година во Македонија и Преображенското востание во Одринска Тракија.
Основите на организацијата биле поставени на основачки состанок во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов. Меѓу основачите биле д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.
Револуционерните идеи почнале да се шират меѓу младите и учениците во Солунската бугарска машка гимназија, каде што се формирале кружоци и конспиративни групи. По завршувањето на образованието, дел од нив се враќале во родните места, каде што ја ширеле идејата за организирана борба. Постепено се формирале месни комитети, а подоцна и вооружени чети, додека организацијата набавувала оружје преку илегални канали.
По повод празникот, во Националната установа Македонски народен театар ќе се одржи свечена академија под мотото „Свои на своето!“. Предвидено е обраќање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Собраниска делегација, предводена од потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, заедно со пратеничките Велика Стојкова-Серафимовска и Даниела Николова, ќе положи свежо цвеќе пред Споменикот на основачите на ВМРО во паркот „Жена борец“ во Скопје.
Во Кристалната сала на Собранието, со почеток во 11 часот, ќе биде доделена државната награда „23 Октомври“ за 2026 година. Признанието се доделува за долгогодишни остварувања во науката, културата и образованието, како и за придонес во заштитата на државните интереси и промоцијата на културно-историското наследство.
За остварувања во областа на културата и уметноста, наградата годинава му се доделува на актерот Ѓорѓи Јолевски. Во областа на науката, лауреати се историчарот проф. д-р Стојко Стојков и археологот проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс.
Во рамки на одбележувањето, во средата вечер во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа културно-историски настан насловен „Во светлината на слободната“. Програмата беше посветена на историските процеси поврзани со македонското револуционерно движење, идеалите за слобода и достоинство, како и на животот и делото на Даме Груев, еден од основачите на Македонската револуционерна организација.