Владата на денешната седница донесе одлука за формирање национален комитет за заштита и безбедност на новинарите. Како што соопшти владината портпаролка Марија Митева на прес-конференција попладнево, преку комитетот ќе се воспостави организиран механизам за координација меѓу надлежните институции и медиумската заедница, со цел унапредување на безбедноста, превенција од закани и напади и обезбедување услови за слободно и непречено известување.
Комитетот ќе ја следи состојбата со безбедноста на новинарите и ќе ја унапредува соработката, а најдоцна до 15 декември оваа година треба да изработи национален акциски план во согласност со европските стандарди и меѓународните препораки. Планот, според Митева, ќе се темели на четири суштински области: превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите и едукација.
Во делот на превенцијата акцентот ќе биде ставен на медиумскиот плурализам, институционалната поддршка и дијалогот со медиумите. Во делот на заштитата се предвидуваат механизми за итна реакција, како и полициска и правна заштита. Мерките ќе опфатат и реакција и заштита од закани во дигиталниот простор, односно на социјалните платформи.
Посебно значење, нагласи портпаролката, ќе има ефикасното постапување во случаи на напади или закани кон новинарите, при што преку соработка со надлежните органи фокусот ќе биде ставен на навремени истраги и соодветно санкционирање согласно законските надлежности.
„Сакаме ова прашање да добие континуиран институционален третман, со јасни обврски и конкретни механизми за постапување. Безбедноста на новинарите е обврска на институциите, кои мора навремено да дејствуваат, да ги препознаваат ризиците и да обезбедат соодветна заштита“, изјави Митева.
Во комитетот е предвидено да учествуваат претставници на Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), Македонската радио-телевизија (МРТ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Комитетот ќе ја поддржи и националната примена на кампањата „Новинарите се важни“ на Советот на Европа, со што активностите ќе се поврзат со пошироките европски напори за унапредување на слободата на медиумите и безбедноста на медиумските работници.
Митева додаде дека институциите имаат право да одговорат на критика и да ги образложат своите политики, но таа одговорност мора да се остварува со факти, транспарентност и институционална комуникација, а не со притисоци врз оние што поставуваат прашања. „Вие имате право да прашувате, ние имаме обврска да одговараме“, рече таа, нагласувајќи дека довербата се гради преку достапност на информации, одговори на легитимни прашања и почитување на правото на јавноста да биде информирана. Според неа, институционалната заштита мора да биде еднаква за сите новинари, без селективност.