Борба против корупцијата, ослободување на институциите од партиско влијание и подобрување на животниот стандард. Тоа се приоритетите во „Студентскиот план“ — програмата со единаесет точки на студентската листа во Србија.
Првите мерки се однесуваат на независноста на правосудството. Студентите предлагаат судовите и обвинителствата да работат без политички притисок, а посебна обвинителска полиција да ги истражува случаите на корупција. Бараат и темелна контрола на работата на Министерството за внатрешни работи.
Втората точка предвидува проверка на потеклото на имотот на јавните функционери, одземање на незаконски стекнатото богатство и лустрација. Со третата се бара јавност на договорите и тендерите, како и ревизија на нетранспарентните државни проекти и нивните трошоци.
Во медиумската сфера предлагаат јавен сервис и регулатор ослободени од партиско влијание, преиспитување на националните фреквенции и утврдување одговорност за ширење говор на омраза.
Петтата точка е посветена на вработувањето според стручност и квалификации. Предлагаат избор преку конкурси и построга финансиска контрола на јавните претпријатија.
Во образованието бараат бесплатни учебници за сите основци и средношколци, современи наставни програми, практични знаења и развивање критичко размислување. Следната точка предвидува поврзување на универзитетите и институтите со стопанството, со финансиска поддршка за иновации, домашни претприемачи и земјоделци.
За поголема работна сигурност предлагаат договор на неопределено по најмногу дванаесет месеци работа на определено време.
Деветтата точка се однесува на сузбивање на монополското влијание на увозниците, прехранбена сигурност и заштита на земјоделското земјиште и водата. Десеттата предвидува подостапно домување, преку поволен закуп и откуп на станови и олеснувања за млади семејства и вработени во образованието и здравството.
Последната точка е лекар во секое село — со обновување на амбулантите, подостапни лекови и зајакнување на медицинскиот кадар во оддалечените места.
Станува збор за програмски предлози. Нивната реализација ќе зависи од законските измени, роковите и средствата обезбедени за спроведување.