Возач од Скопје е санкциониран откако на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како со автомобил се движи по велосипедска патека покрај улицата „Бутелска“ во Скопје.
Станува збор за 46-годишниот Н.К. од Скопје, кој бил идентификуван по објавата на социјалната мрежа „ТикТок“. На видеото се гледа како управува патничко возило „сузуки“ со скопски регистарски ознаки по велосипедската патека, во правец од кружниот тек кон крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“.
Од Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје веднаш презеле мерки за утврдување на идентитетот на возачот. Тој денеска (28 октомври) бил повикан на службен разговор и соодветно санкциониран за сообраќаен прекршок, односно управување возило по несоодветна сообраќајна површина.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници.