Српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини противниците на актуелната власт дека во изминатите три дена спроведуваат, како што го нарече, „вистински револуционерен терор“ и порача дека нема да се откаже од политичкиот отпор кон нив.
Во обраќањето, Вучиќ ги спомена упадите во телевизиски објекти, настаните поврзани со јавното претпријатие „Србијаводе“, како и инцидентот за време на верска слава, кога, според неговите зборови, на свештеник му било попречено да одржи молитва.
Тој направи паралела со настаните од 2000 година во Србија, оценувајќи дека денешните случувања се уште полоши од тогашните. Според него, дел од луѓето со кои соработувал со години постепено се повлекуваат поради несогласувања и незадоволство, но нагласи дека тоа нема да ја промени неговата решеност.
Вучиќ се осврна и на изјавите на Јово Бакиќ, кој, според него, се самопредложил за функцијата министер за внатрешни работи. Српскиот претседател изрази сомнеж дека некој сериозен би го избрал за таа позиција, а реагираше и на неговата изјава дека „мора да го уапсат Вучиќ“.
Претседателот оцени дека во изминатите три дена биле прекршени ветувањата за враќање на институциите и за обновување на довербата во нив. Наместо тоа, како што рече, започнале процеси што водат кон нивно уривање.
Вучиќ зборуваше и за постапувањето во врска со предметите поврзани со таканаречениот звучен топ. Тој тврдеше дека не бил употребен звучен топ и ги обвини оние што го тврдат спротивното дека шират лаги.
На крајот од обраќањето, српскиот претседател порача дека ќе продолжи да им се спротивставува на оние што ги нарекува „блокадери“, обвинувајќи ги за, како што рече, злото што го предизвикале во изминатите две години.
„Мојата непоколебливост и решеност да им се спротивставувам на блокадерите ќе продолжат храбро додека дишам, без оглед од која позиција“, порача Вучиќ.