Искра Хаџи Василева е најголемиот фаворит за нова шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, откако на гласањето доби 64 гласа од јавните обвинители. Конечниот избор треба да се потврди по истекот на роковите за приговори.
Хаџи Василева освои најголема поддршка меѓу петтемина кандидати, но трката беше неизвесна до самиот крај. Нејзиниот противкандидат Трајче Пеливанов доби 57 гласа, додека Јован Цветановски освои 30 гласа.
За Фатон Азизи гласале 14 обвинители, а за Лидија Раичевиќ шестмина.
Од вкупно 187 јавни обвинители кои имаа право на глас, своето право го искористиле 175. Дванаесет обвинители не гласале, а евидентирани се и четири неважечки ливчиња.
Доколку биде избрана по завршувањето на постапката, Хаџи Василева ќе го наследи Ислам Абази, кој ја извршуваше функцијата од 2022 година. Таа би била втората жена на чело на ова Обвинителство, по Вилма Рускоска.
Хаџи Василева во јавноста е позната и по предметот против судијата Ѓоко Ристов, кој е осомничен за случај поврзан со 350.000 евра пронајдени заѕидани во домот на неговите родители.
Покрај Хаџи Василева и Пеливанов, во изборната трка учествуваа и Фатон Азизи од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.
Кандидатите на 13 октомври ги претставија своите програми пред Советот на јавните обвинители. Меѓу приоритетите што ги истакнаа беа зајакнувањето на финансиските истраги, поефикасната борба против корупцијата и обезбедувањето поголема независност на Обвинителството.