Македонија

Лажна интернет-платформа за инвестиции измами стотици граѓани, кривична пријава за две лица

Лажна интернет-платформа за инвестиции измами стотици граѓани, кривична пријава за две лица
Фото: 4news.mk

Ветувања за брза и сигурна заработка преку интернет биле искористени за да се измамат стотици граѓани од земјава, кои вложувале пари на лажна инвестициска платформа. За случајот, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднел кривична пријава против две лица, осомничени за измама.

Пријавени се 56-годишната М.К. од Битола и 38-годишниот А.С. од Естонија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“ според член 247 од Кривичниот законик.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, измамата се случувала во периодот од декември 2025 до април 2026 година. Преку мобилна апликација и канал со неколку стотици претплатници, осомничените на граѓаните им ветувале наводни добивки, кои никогаш не биле реализирани. На тој начин ги навеле да вложуваат финансиски средства на лажна интернет-платформа, со што им била нанесена значителна материјална штета.

До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика биле доставени пет пријави од оштетени граѓани. Сепак, анализата на финансиските извештаи од трансакциската сметка на првопријавената покажала дека бројот на измамени лица е многу поголем, односно дека станува збор за стотици граѓани, од кои повеќето не го пријавиле случајот.

За откривање на осомничените била спроведена повеќемесечна истрага, во која биле вклучени домашни и странски институции. Во рамки на истрагата бил извршен информативен разговор со првопријавената, а биле одземени и електронски уреди што ги користела за писмена комуникација преку апликацијата.

Форензичката анализа на податоците извлечени од одземените уреди, според МВР, обезбедила докази за кривичното дело. Дополнително, по стручна анализа на криптотрансакциите, преку меѓународни безбедносни платформи биле обезбедени информации за сопственикот на криптопаричникот.

Од Секторот за компјутерски криминал предупредуваат дека ваквиот вид измами е во пораст и апелираат граѓаните да бидат внимателни со понудите за лесна заработка преку интернет. Посочуваат дека измамниците користат социјални мрежи, лажни профили и телефонски повици за да понудат инвестирање во криптовалути, ветувајќи високи и сигурни приноси.

Граѓаните се повикуваат внимателно да ги проверуваат инвестициските платформи пред да уплатат пари, бидејќи лажните страници можат да изгледаат целосно легитимно.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни