Неправилно обезбеден товар, технички неисправни камиони и други прекршоци биле откриени при засилената контрола на товарни возила што ја спроведе Министерството за внатрешни работи на целата територија на државата. За пет часа биле контролирани 781 возило, а поради утврдените неправилности од сообраќај биле исклучени 25 товарни возила.
Акциската контрола била спроведена на 28 октомври, во периодот од 9 до 14 часот, од страна на Секторот за сообраќајни работи при МВР.
Контролите биле насочени кон откривање претоварени возила, неправилно сместен и необезбеден товар, техничка неисправност, како и случаи на недозволен превоз на лица. Се проверувале и возилата што се вклучуваат во сообраќај од земјени патишта, градилишта и други површини, при што на коловозот нанесуваат кал.
Од вкупно 781 контролирано возило, 92 биле упатени на технички преглед. При контролата биле утврдени 101 неправилност, а 25 возила биле исклучени од сообраќај.
Покрај тоа, полицијата евидентирала три случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик. Утврдени биле и дополнителни 219 сообраќајни прекршоци од друг вид.
Од МВР информираат дека за сите констатирани прекршоци се преземени соодветни мерки согласно законските прописи.
Министерството најавува продолжување на акциските контроли и апелира до возачите и превозниците да ги почитуваат сообраќајните правила, да ја проверуваат техничката исправност на возилата и правилно да го сместуваат и обезбедуваат товарот.