Breaking Народна банка управува со Алта банка >>> Следете во живо
Македонија

Сиљановска-Давкова ѝ честита на Јотова: Со добра волја можеме да ги надминеме предизвиците

Сиљановска-Давкова ѝ честита на Јотова: Со добра волја можеме да ги надминеме предизвиците

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им ја честита изборната победа на Илијана Јотова и на Кирил Валчев, изразувајќи очекување за соработка заснована врз меѓусебно почитување, отворен дијалог и искрено партнерство.

Во објавата на социјалната мрежа Икс, Сиљановска-Давкова упати честитки од името на македонските граѓани и од свое лично име, посочувајќи дека успехот на Јотова ја одразува волјата на бугарскиот народ.

„Уверена сум дека под нејзиното претседателство Бугарија ќе има конструктивна улога во нашиот регион и во Европа“, порача Сиљановска-Давкова.

Македонската претседателка изрази подготвеност за зајакнување на односите меѓу двете земји и за надминување на отворените прашања.

„Со добра волја можеме да ги надминеме постојните предизвици, да ги зајакнеме македонско-бугарските односи и да придонесеме за мирот, стабилноста и просперитетот“, се наведува во пораката.

Односите меѓу Скопје и Софија се тесно поврзани со македонскиот пат кон Европската Унија. Во јули 2022 година беше одобрена преговарачката рамка и се одржа првата меѓувладина конференција. Во заклучоците на Советот на ЕУ беше предвидено спроведување уставни измени за вклучување на граѓаните што се дел од други народи, меѓу кои и Бугарите. Истовремено, беше нагласена важноста од добросовесно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Сиљановска-Давкова и Јотова се сретнаа во Софија и во јуни годинава. По средбата, македонската претседателка изјави дека разговорите ги опфатиле уставните измени, но и прашањата поврзани со протоколите и работата на историската комисија. Јотова, од своја страна, порача дека преземените меѓународни обврски треба да се исполнат, вклучително и спроведувањето на Договорот за добрососедство.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни