Во живо Вонредно Ноќно студио 20:00 „Кризата со Алта Банка“ Гледај
Македонија

Миноски: Луѓето живеат од плати и пензии, не може да им биде ограничен пристапот до парите

Миноски: Луѓето живеат од плати и пензии, не може да им биде ограничен пристапот до парите

Ограничувањето на располагањето со средствата во Алта банка создава сериозни проблеми за граѓаните кои своите плати, пензии и други примања ги добиваат преку оваа банка. Кирил Миноски во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ предупреди дека продолжувањето на ваквите мерки може директно да ја загрози егзистенцијата на дел од клиентите.

Според него, иако ограничувањата се воведени за да се спречи панично повлекување на депозитите и да се заштити стабилноста на банката, неопходно е институциите да покажат поголема транспарентност во однос на нивното времетраење.

„Имаме лица кои буквално добиваат плати, пензии, целосните примања им доаѓаат од таа банка и тоа претставува сериозен проблем. Едноставно, се доведува во ризик нивното секојдневно функционирање“, изјави Миноски.

Тој посочи дека најавениот период од три месеци, во чии рамки би можеле да важат привремените мерки, е премногу долг за граѓаните кои зависат од сопствените заштеди и редовни примања.

„Тензијата и нервозата меѓу луѓето ќе се зголемуваат, затоа што се работи за нивни сопствени средства. Треба конкретно да се искомуницира до кога се очекува да траат мерките и со каква динамика ќе се овозможува повторно користење на парите“, нагласи Миноски.

Според него, надлежните институции треба да излезат со јасен план и редовно да ја информираат јавноста, по можност на неделно ниво, за чекорите што се преземаат за стабилизирање на состојбата.

Миноски оцени дека правото на сопственост е уставно загарантирано и дека секое ограничување на пристапот до сопствените финансиски средства мора да биде привремено и оправдано.

Тој предупреди дека продолжувањето на неизвесноста може да предизвика дополнителна недоверба, не само кон Алта банка, туку и кон банкарскиот сектор во целина.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни