Во живо Вонредно Ноќно студио 20:00 „Кризата со Алта Банка“ Гледај
Македонија

„10.000 денари неделно е повеќе од доволно“: Славески го брани лимитот за клиентите на Алта банка

„10.000 денари неделно е повеќе од доволно“: Славески го брани лимитот за клиентите на Алта банка

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, смета дека ограничувањето од 10.000 денари неделно за повлекување средства од „Алта банка Битола“ е повеќе од доволно во актуелните вонредни околности. Во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, тој објасни дека при утврдувањето на лимитот биле земени предвид повеќе економски показатели, меѓу кои просечната плата и просечната пензија во државата.

Според Славески, во текот на ноември клиентите ќе имаат пет можности да подигнат по 10.000 денари, односно вкупно 50.000 денари, што тој го оцени како доволен износ за покривање на потребите во периодот додека траат привремените мерки.

„Целта е средствата на банката да се доведат во редовна состојба. Во ноември ќе имаат пет можности за подигање на 10.000 денари. Тоа се 50.000 денари. Тоа е повеќе од доволно затоа што имаме вонредна ситуација“, изјави Славески.

Гувернерот ги повика граѓаните на трпение и доверба во институциите, нагласувајќи дека ограничувањата се привремени и имаат цел да овозможат стабилизирање на состојбата во банката.

„Ова е само еден ограничен временски период во кој треба оваа состојба да се надмине. Граѓаните и натаму си ги имаат парите на своите сметки. Периодот одреден на три месеци е максимален“, додаде тој.

Славески информираше и дека е започната постапка за промена на сопственичката структура на „Алта банка Битола“.

Според него, сопственикот на македонската банка, „Алта банка Белград“, преку српскиот регулатор е известен дека има рок од три дена да ги понуди своите акции на продажба. Доколку тоа не го направи, Народната банка на Македонија ќе пристапи кон нивна продажба преку аукција.

Гувернерот изрази уверување дека ќе се најде заинтересиран инвеститор, оценувајќи дека македонската банка располага со солидни финансиски биланси.

„За банка која има солидни биланси, јас сум сигурен дека ќе има заинтересиран купувач“, изјави Славески.

Во меѓувреме, клиентите на банката остануваат со ограничен пристап до сопствените средства, додека надлежните институции работат на решение кое треба да овозможи нормализирање на работењето.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни