Во живо Вонредно Ноќно студио 20:00 „Кризата со Алта Банка“ Гледај
Македонија

Миноски: Пензионерите без картички не смеат да останат без пари, итно да се отворат посебни пунктови

Миноски: Пензионерите без картички не смеат да останат без пари, итно да се отворат посебни пунктови

Надлежните институции и привремените администратори на Алта банка мора итно да најдат решение за пензионерите кои немаат платежни картички и не можат да ги подигнат своите пензии поради ограниченото работење на банката. Ова го истакна Кирил Миноски во вечерашното гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Тој посочи дека почетокот на месецот е период кога голем број пензионери ги подигнуваат своите примања, а затворените експозитури создаваат дополнителни проблеми за оние кои досега парите ги добивале на шалтер.

Според Миноски, неопходно е брзо да се организира алтернативен начин за исплата, со цел овие граѓани да не останат без средства за секојдневните потреби.

„Овие администратори треба да пронајдат брзо решение, да се организираат тимови од вработените во Алта банка и да се отворат посебни пунктови или филијали на кои ќе им се издаваат платежни картички на пензионерите“, изјави Миноски.

Како друга можност, тој предложи организирање директна исплата на ограничени износи преку посебни пунктови во одредени филијали.

„Мора да се реагира брзо или да се организира исплата на лице место, на одредени пунктови во филијалите, каде што на пензионерите кои ја земаат пензијата преку Алта банка ќе им бидат исплатени по 10.000 денари“, посочи Миноски.

Тој нагласи дека е неопходно да се најде практично решение кое ќе биде усогласено со воведените ограничувања, но истовремено ќе овозможи пензионерите да располагаат со дел од своите примања.

Според него, ваквите ситуации покажуваат дека мерките за стабилизирање на банкарскиот сектор мора да бидат придружени со механизми за заштита на најранливите категории граѓани.

Миноски предупреди дека секое дополнително одложување може да ја зголеми нервозата и неизвесноста кај клиентите, особено кај оние за кои пензијата претставува единствен извор на приходи.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни