Противречности, стручни ограничувања и недоволно анализирани прашања за противпожарната заштита и евакуацијата – ова се дел од забелешките на Јавното обвинителство за градежното вештачење на Петре Русески, ангажиран од одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Обвинителството остро се спротивстави на неговите наоди, оценувајќи дека вештакот изнесувал заклучоци од области за кои самиот потврдил дека нема соодветна стручност. Станува збор за прашања поврзани со противпожарната заштита, урбанизмот, инсталациите, безбедноста на објектот, неговата намена и исполнувањето на условите за вршење угостителска дејност.
Според Обвинителството, во вештачењето не се земени предвид суштинските последици од трагедијата, во која загинаа 63 млади лица, а повеќе од 200 беа повредени.
„Безбедноста на еден објект не се оценува апстрактно, туку во однос на неговата конкретна намена, начинот како се користи и вградените материјали. Особено загрижува начинот на кој вештакот ги релативизира недостатоците од областа на евакуацијата и противпожарната заштита“, наведуваат од Обвинителството.
Оттаму посочуваат дека во трите вештачења не може да се препознае настанот за кој биле изработени, бидејќи последиците од пожарот не биле опфатени ниту во почетните делови ниту во заклучоците.
Обвинителството оценува дека вештачењето содржи противречности и ограничувања и не може да претставува целосно стручна и релевантна основа за утврдување на фактичката состојба.
Посебни забелешки има и за заклучокот на вештакот дека објектот ги исполнувал условите за работа како дискотека. Според Обвинителството, таквиот став е во спротивност со фактичката и правната состојба, особено ако се има предвид дека претходно не била спроведена законска постапка за пренамена на објектот.
Во меѓувреме, адвокатот Петре Шилегов повторно побара преиспитување на обвинението, оценувајќи дека децениското незаконско работење на „Пулс“ не може да се изедначува со одговорноста на голем дел од обвинетите.
На ваквите барања реагираа и родителите на загинатите, кои порачаа дека незаконското постапување и непостапувањето на обвинетите, според обвинението, придонеле за загрозување на човечките животи и трагичните последици.
„Ако надлежните навреме постапеле и го затвореле објектот, „Пулс“ немало да работи на 16 март 2025 година! А цената за тие пропусти ја плативме ние, родителите, со најсветото што го имавме – нашите деца“, порачаа родителите.