Македонија

Апелација го ослободи Боки 13: По седум години сум ослободен од сите обвиненија, ова е победа над злото

Апелација го ослободи Боки 13: По седум години сум ослободен од сите обвиненија, ова е победа над злото

По седум години судска постапка, Бојан Јовановски, познат како Боки 13, соопшти дека е ослободен од обвиненијата во предметот „Меѓународен сојуз“. Апелациониот суд во Скопје ја преиначил првостепената осудителна пресуда и донел ослободителна одлука за него и за останатите обвинети во случајот.

Веста претходно ја објави неговиот адвокат Сашо Дуковски, а Јовановски се огласи и преку својот профил на социјалните мрежи, каде што објави соопштение до јавноста.

„По седум години, денеска сум ослободен од сите обвиненија и огласен сум за невин!“, напиша Јовановски.

Во објавата тој ја поздрави одлуката на Апелациониот суд, а првостепената пресуда и обвинението ги оцени како „правна кривотворевина“. Јовановски упати критики и кон поранешната обвинителка Вилма Рускоска и судијката Софче Гаврилова-Ефремова, која ја донела првостепената пресуда.

Тој посочи дека изминатите седум години биле тешки за него, неговото семејство и блиските, а на сите што му давале поддршка во текот на постапката им упати благодарност.

„Правдата е спора, но достижна! Ова е победа над злото! Благодарам на сите кои што ми беа вистинска поддршка сите овие години! Нека живее вистината и правдата“, напиша Боки 13.

Јовановски во октомври 2025 година, во повторената постапка за „Меѓународен сојуз“, беше осуден на пет години затвор за измама и перење пари. Според обвинението, преку проект за изградба на домови за стари лица биле измамени двајца бизнисмени, а дел од уплатените средства биле искористени за финансирање на телевизијата „1ТВ“ и за лични потреби.

Во првичната постапка, во 2022 година, Јовановски беше осуден на девет години затвор, но Апелациониот суд во 2024 година ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни