Македонија

Прпарим Бајрами излегува од притвор со гаранција од над 1,1 милион евра

Прпарим Бајрами излегува од притвор со гаранција од над 1,1 милион евра

Прпарим Бајрами, првообвинет во предметот „Лотарија“, ќе излезе од притвор откако Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје прифати гаранција во недвижен имот вреден 1.140.781 евра. Според соопштението на Судот, тој ќе биде ослободен од затворот „Скопје“ по впишувањето на хипотеката во Катастарот на недвижности.

Одлуката стана правосилна денеска, откако надлежниот јавен обвинител и останатите странки во постапката се откажаа од правото на жалба.

Покрај гаранцијата, Судот му определи и мерки за претпазливост за да го обезбеди неговото присуство во судската постапка. На Бајрами му се одзема пасошот, му се забранува издавање нова исправа за преминување на државната граница и ќе мора редовно да се јавува во Судот.

Предлогот за замена на притворот со гаранција одбраната го поднела на 14 октомври. При одлучувањето, Кривичниот совет го зел предвид и законскиот рок за траење на притворот.

Како што објаснуваат од Судот, притворот во конкретниот случај не може да трае подолго од 60 дена. Бајрами сам се јавил на издржување на мерката на 9 септември, поради што рокот истекува на 8 ноември.

Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август поднело обвинителен предлог против него за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, дело за кое, според судското соопштение, е предвидена казна затвор до пет години.

Притворот претходно му бил определен по предлог на Обвинителството, имајќи предвид дека не им бил достапен на органите на прогонот. Со неговото укинување и прифаќањето на гаранцијата, судската постапка против Бајрами продолжува.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни