По повеќе од 15 години надвор од употреба, базенот во Полициската академија во Идризово повторно ќе им служи на припадниците на македонската полиција. Објектот е целосно реновиран со инвестиција од околу 5,7 милиони денари, а работите биле завршени за помалку од три месеци.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посети Полициската академија, каде што се увери во функционалноста на обновениот базен. Во него веќе се вршела проверка на пливачките способности на кандидатите за прием во Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Тошковски посочи дека базенот повеќе од деценија и пол бил запуштен, поради што генерации полициски службеници немале можност да го користат за обука и усовршување.
„Објект што повеќе од 15 години стоел запуштен, го вративме во функција за неполни три месеци. Тоа е разликата меѓу негрижата и конкретните резултати. Со инвестиција од околу 5,7 милиони денари обезбедивме услови овој базен повторно да им служи на полициските службеници, за нивна обука, усовршување и одржување на физичката подготвеност“, изјави министерот.
Обновениот објект ќе се користи за обука на идните полицајци, специјализирани тренинзи на полициските единици, спасувачки вежби, како и за одржување на физичката подготвеност на вработените во МВР.
Базенот има и посебно место во македонската филмска историја. Во него во 1977 година биле снимени сцени од култниот македонски филм „Исправи се, Делфина“, инспириран од спортскиот подвиг на Атина Бојаџи.
Од МВР наведуваат дека обновата е дел од пошироките активности за модернизација на полицијата. Во изминатиот период бил обновен и комплексот на Полициската академија во Идризово, повторно било вратено Средното полициско училиште, а биле набавени и нови полициски возила.
Тошковски најави дека наскоро се очекува и пристигнувањето на новите, целосно ребрендирани полициски униформи.
„Продолжуваме да вложуваме во знаењето, подготвеноста и професионалниот развој на полициските службеници, затоа што вложувањето во нив е вложување во посилна полиција и побезбедна Македонија“, порача министерот.