Три авиони на авиокомпанијата „Рајанер“ извршиле вонредни слетувања во Бугарија денеска наутро поради нова серија дојави за поставени бомби. Два од авионите, кои летале од Копенхаген и Мадрид, слетале на аеродромот во Софија, додека третиот, кој доаѓал од Лондон, требало да слета во Пловдив.
Информацијата ја потврдиле од бугарското Министерство за транспорт за телевизијата НОВА.
Сите три лета ги оперирала авиокомпанијата „Рајанер“. Засега нема дополнителни информации за содржината на заканите, ниту за евентуални пронајдени сомнителни предмети во авионите.
Ова е најнов случај во серијата дојави за бомби што ги вознемирија европските воздухопловни служби. Според претходните информации, во средата биле пријавени закани за седум авиони во Европа, од кои два летале кон Софија.
Еден од нив пристигнувал од Бергамо, со 176 патници и седум членови на екипажот, а слетал на аеродромот „Васил Левски“ во 11:13 часот. Неколку часа подоцна, во 13:36 часот, слетал и авионот од Даблин, со 186 патници и шест членови на екипажот.
Ројтерс претходно објави и за дојава за бомба во авион кој летал од Даблин кон Рим, а кој бил пренасочен и слетал во француска воена воздухопловна база.