Македонија

ЕК со највисоки оценки за надворешната и безбедносната политика на Македонија

ЕК со највисоки оценки за надворешната и безбедносната политика на Македонија

Македонија повторно доби највисоки оценки од Европската комисија за усогласеноста на надворешната, безбедносната и одбранбената политика со онаа на Европската Унија. Во Извештајот за 2026 година е констатирано добро ниво на подготвеност и добар напредок во Поглавјето 31, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Особено е издвоена целосната усогласеност на земјата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и со официјалните изјави на високиот претставник во име на Унијата и одлуките на Советот за воведување рестриктивни мерки.

Според Министерството, Европската комисија оценува дека оваа усогласеност претставува јасен сигнал за стратешката определба на државата за членство во ЕУ и ја потврдува нејзината позиција како доверлив партнер на Унијата.

Позитивна оценка е дадена и за Поглавјето 30 – „Надворешни односи“, каде што е забележано тесно усогласување со трговската политика на ЕУ и активно учество во регионалната економска соработка.

Во извештајот се наведува дека препораките од претходната година во голема мера се спроведени, а државата продолжила да учествува во политичкиот дијалог со Европската Унија за надворешни и безбедносни прашања. Во април годинава, во Брисел, се одржала и втората сесија на Дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија.

Европската комисија позитивно ја оценила и зголемената одбранбена подготвеност на земјата, како и нејзината хуманитарна, одбранбена и друга поддршка за Украина. Во јули 2026 година, Македонија се приклучила и кон „Коалицијата на подготвените“.

Посебно внимание во извештајот е посветено и на активностите на земјата во меѓународните организации, меѓу кои Обединетите нации, Советот на Европа и ОБСЕ, како и на усогласувањето со повеќето позиции на ЕУ во мултилатералните институции.

Како значајни достигнувања се издвојуваат изборот на Македонија во Економско-социјалниот совет на Обединетите нации за мандатот 2027–2029 година и членството во Советот за човекови права за периодот 2025–2027 година.

Од Министерството оценуваат дека извештајот ја потврдува надворешнополитичката ориентација на државата и нејзината определба за полноправно членство во Европската Унија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни