Македонија

Десет возачи уапсени за 24 часа, седум возеле без положен испит

Десет возачи уапсени за 24 часа, седум возеле без положен испит

Десет возачи биле лишени од слобода во изминатите 24 часа поради несовесно и опасно управување со моторни возила. Седуммина од нив возеле без положен возачки испит, додека тројца седнале зад воланот и покрај тоа што имале активна забрана за управување.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека приведувањата биле извршени на различни локации низ државата, а против возачите се постапува за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено во член 297-а од Кривичниот законик.

Меѓу лицата кои управувале без возачка дозвола се четворица од Скопје, меѓу кои и еден 15-годишник, како и 16-годишник од селото Батинци. Приведени се и 37-годишник од селото Гошинце, општина Липково, и 61-годишник од селото Блаце, скопско, кој претходно учествувал и во сообраќајна незгода.

Останатите тројца возачи биле затекнати зад воланот и покрај изречената забрана за управување со моторно возило. Станува збор за 35-годишник од Скопје, 30-годишник од Крушево и 50-годишник од Штип, кој дополнително управувал под дејство на алкохол.

Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од полицијата повторно апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, да не управуваат без положен возачки испит, со активна забрана или под дејство на алкохол, со цел да се спречат сообраќајни незгоди и да се заштитат човечките животи.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни