Шалтерите во главната филијала на „Алта банка“ во Битола од утрово се отворени за исплата на готовина за клиенти кои немаат платежни картички. Граѓаните можат да подигнат најмногу 20.000 денари во период од две недели.
Уште од раните утрински часови пред филијалата се создадоа големи гужви. Присутни беа и полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир, а во неколку наврати интервенираше и Итната медицинска помош.
Дел од граѓаните добиле СМС-порака со термин за подигање на средствата, додека други дошле и без известување. Предност при влез имале клиентите со добиена порака.
„Со пораки да поминат први, па после ние ќе влегуваме“, вели една граѓанка која чекала пред банката.
Друг граѓанин посочува дека не добил известување и дека досега парите ги подигнувал на шалтер.
Незадоволство кај дел од присутните предизвика ограничувањето на износот што можат да го подигнат.
„По дваесет илјади ни дадоа. Што ќе правиме со тие пари? Другите ги задржуваат“, реагира еден од граѓаните.
Иако најавената мерка ги опфаќа и пензионерите и примателите на социјална помош без платежни картички, според информациите од терен, денеска се исплаќале пензии, додека исплатата на социјалната помош се очекува во следните денови.
Филијалата ќе работи во две смени од утре, 6 ноември, вклучително и во сабота, 7 ноември. Клиентите треба да се придржуваат до термините наведени во СМС-пораките, а за оние што нема да можат да дојдат во определениот термин ќе бидат обезбедени дополнителни термини.
Шалтерите се наменети исклучиво за исплата на готовина, без можност за други банкарски трансакции.
Банката има и деловни клиенти во Пелагонискиот регион, меѓу кои и јавни претпријатија. Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, вчера преку социјалните мрежи информираше дека повеќе општински јавни претпријатија имаат сметки во „Алта банка“.