Транспарентноста во работењето, контролата врз трошењето на јавните пари и спречувањето на корупцијата беа во фокусот на средбата меѓу градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и претставниците на ГРЕКО – Групата на држави против корупцијата.
На состанокот, на кој присуствувале и претставници на градската администрација, се разговарало за начините за зајакнување на интегритетот, отчетноста и одговорноста на локалната власт.
Ѓорѓиевски ја истакнал важноста на институционалната соработка и размената на добри практики за чесно и одговорно управување со јавните средства. Според него, довербата на граѓаните се гради преку јасни процедури, транспарентни одлуки и отчетност за секое потрошено средство.
„Довербата на граѓаните се заслужува со работа, со јасни постапки и со подготвеност да се даде отчет за секоја донесена одлука. Граѓаните имаат право да знаат како се планираат и каде се трошат нивните пари“, истакна Ѓорѓиевски.
Посебен акцент на разговорите бил ставен на зголемувањето на одговорноста на општинските служби и градоначалниците, како и на поголемото вклучување на невладиниот сектор во подготовката на финансиските планови и буџетите.
Градоначалникот посочил дека дигитализацијата е еден од клучните механизми за спречување на корупцијата, а Град Скопје работи на развој на алатки што ќе овозможат полесен пристап до информации и поголема контрола врз административните постапки.
„Со поедноставни процедури, подостапни информации и можност за следење на постапките, создаваме услови за потранспарентна и поодговорна администрација. Јавните средства се доверба што мора да ја оправдаме. Секој ден, со секоја одлука и со секое дело“, порача Ѓорѓиевски.