Македонија

Ветеринарите излегоа на протест пред АХВ – бараат повеќе пари и редовна исплата за сработеното

Ветеринарите излегоа на протест пред АХВ – бараат повеќе пари и редовна исплата за сработеното

Ветеринарите протестираа пред Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), незадоволни од намалените финансиски средства, доцнењето на исплатите и непроменетите цени на ветеринарните услуги. Тие побараа итни мерки за подобрување на условите во приватната ветеринарна практика и промена на постојниот модел на финансирање.

Според претставниците на ветеринарната фела, буџетот наменет за нивните активности годинава е намален трипати, што сериозно го отежнува функционирањето на ветеринарните друштва.

Тие предупредуваат дека недостигот од средства доаѓа во особено чувствителен период, кога земјава и регионот се соочуваат со зголемен ризик од ширење заразни болести кај животните, меѓу кои сипаници кај овците и козите, африканска свинска чума и чума кај малите преживари.

Ветеринарите побараа од Владата при планирањето на буџетот за 2027 година да предвиди повеќе средства за ветеринарната дејност. Воедно, инсистираат на редовна исплата на извршените услуги, ревизија на ценовниците, подобро организирање на лабораториската дијагностика и воспоставување институционален дијалог со конкретни рокови за решавање на проблемите.

По протестот, новиот директор на АХВ, Јовица Андовски, ги повика претставниците на ветеринарите на средба, на која се разговарало за нивните барања.

Од Агенцијата најавија дека во најкус можен рок ќе продолжи земањето мостри за лабораториски испитувања, согласно годишната наредба за здравствена заштита на животните, а ќе продолжи и исплатата на обврските за веќе реализираните ветеринарни активности.

Најавени се и измени во методологијата за утврдување на цените на ветеринарните услуги, кои, според Ветеринарната комора, не биле коригирани со години.

Барањата на ветеринарите се официјално доставени и до Владата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни