Македонија

Морбилите можат да предизвикаат трајно оштетување на мозокот и години по инфекцијата

Морбилите можат да предизвикаат трајно оштетување на мозокот и години по инфекцијата

Малите сипаници, познати како морбили, можат да предизвикаат сериозни здравствени компликации кај децата, дури и неколку години по прележувањето на болеста. Педијатрите предупредуваат дека последиците не се ограничуваат само на карактеристичниот осип, туку можат да ги зафатат белите дробови, ушите, очите и мозокот.

Една од најтешките, иако ретки компликации, е субакутниот склерозирачки паненцефалитис, заболување кое постепено го оштетува централниот нервен систем. Оваа состојба може да се појави седум, осум, па дури и десет години по прележаните морбили, предизвикувајќи прогресивно губење на моторните функции и тешки невролошки нарушувања, а најчесто има фатален исход.

Педијатарката Тарасова предупредува дека и покрај сериозните ризици, дел од родителите сè уште одбиваат да ги вакцинираат своите деца. Дополнителен предизвик претставува навременото препознавање на инфекцијата, бидејќи инкубацијата може да трае до две недели, додека првичните симптоми честопати наликуваат на обична настинка.

По регистрираните пет случаи на морбили во земјава, надлежните институции доставиле насоки до градинките и училиштата да го проверат вакциналниот статус на децата.

Загрижувачки е и нискиот опфат со имунизација. Според изнесените податоци, минатата година само 62 проценти од децата ја примиле првата доза од МРП-вакцината, што е значително под потребниот праг за колективен имунитет.

Како скопски општини со најголем број невакцинирани деца се посочуваат Аеродром и Карпош.

Здравствените работници потсетуваат дека навремената вакцинација е најефикасниот начин за спречување на морбилите и нивните потенцијално опасни последици. При сомнеж за морбили, родителите треба телефонски да се консултираат со лекар за понатамошните постапки, со цел да се избегне ширење на инфекцијата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни