Македонија

Крива Паланка бара кризна состојба – над илјада грла добиток уништуваат ниви и дворови

Крива Паланка бара кризна состојба – над илјада грла добиток уништуваат ниви и дворови

Општина Крива Паланка бара од Владата итно прогласување 30-дневна кризна состојба поради долгогодишниот проблем со неконтролираното движење на крупен добиток, кој предизвикува огромни штети на земјоделските површини и ја загрозува безбедноста на граѓаните.

Според локалните власти, повеќе од илјада грла добиток слободно се движат низ населените места, уништувајќи ниви, градини, огради и јавни површини. Дополнителен проблем претставува и нивното присуство на сообраќајниците, каде што постои ризик од сообраќајни несреќи.

Општинскиот кризен штаб оценил дека надлежните институции немаат доволно капацитети, специјализирани возила и соодветен простор за заловување и сместување на животните, поради што е неопходна итна интервенција од државата.

Градоначалникот побара одговорност за штетите што со години ги трпат граѓаните, посочувајќи дека земјоделците остануваат без приносите во кои вложиле труд и финансиски средства. Тој го отвори и прашањето за здравствената состојба на добитокот, барајќи надлежните да утврдат дали постои дополнителен ризик.

Жителите сведочат дека животните секојдневно влегуваат во нивните дворови и обработливи површини, уништувајќи зеленчук, земјоделски насади и огради. Дел од нив тврдат дека и покрај поставените заштитни огради, не успеваат да ги зачуваат посевите.

Проблемот не е нов. Според информациите од Општината, со години се поднесуваат пријави до надлежните институции, а уште во 2024 година биле донесени правосилни решенија за трајно одземање на дел од животните. Сепак, состојбата и натаму останува нерешена.

Жителите и локалната самоуправа предупредуваат дека доколку државните институции не преземат итни мерки, ќе организираат мирни протести, но и блокада на магистралниот пат што води кон границата со Бугарија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни