Македонија

Билјана пријавила насилство, судот изрекол забрана за приближување – инспекцијата не утврдила пропусти кај социјалните служби

Билјана пријавила насилство, судот изрекол забрана за приближување – инспекцијата не утврдила пропусти кај социјалните служби

Вонредниот инспекциски надзор не утврдил неправилности во постапувањето на Центарот за социјални работи во Гевгелија во случајот со 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, која беше убиена од својот партнер. Наодите доаѓаат во време кога јавноста бара одговори за тоа дали институциите можеле да го спречат трагичниот исход.

Според информациите од надлежното министерство, Центарот за социјални работи на 2 октомври добил известување од полицијата за физички напад што девојката го пријавила на 30 септември. Истиот ден бил контактиран нејзиниот татко, додека разговор со него и со Билјана бил одржан на 5 октомври.

На 6 октомври на разговор бил повикан и нејзиниот партнер, кому му биле посочени последиците од насилното однесување. По направената проценка на ризикот, Центарот побарал од судот да изрече привремени мерки за заштита на малолетничката.

На 16 октомври судот донел одлука со која на партнерот му биле забранети закани, малтретирање, вознемирување и контактирање со Билјана, како и приближување на растојание помало од 100 метри. Мерките биле определени во траење од шест месеци.

Според институциите, по изрекувањето на заштитните мерки не биле пријавени нивни прекршувања.

И покрај преземените постапки, животот на 17-годишната девојка заврши трагично, отворајќи сериозни прашања за ефикасноста на системот за заштита од семејно и родово базирано насилство.

Граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“, која организираше протест во Скопје, побара целосна и транспарентна истрага за убиството, утврдување одговорност за евентуални институционални пропусти и итни законски измени за подобра заштита на жените од насилство.

Случајот повторно ја отвори дебатата дали постојните заштитни механизми се доволни за да спречат трагедии, дури и кога насилството е претходно пријавено.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни