Владата на денешната седница ја усвои потребата од добивање итно мислење од Венецијанската комисија за предложениот модел за полагање на правосудниот испит. Целта, според соопштението, е да се добие независна меѓународна експертска оцена за усогласеноста на решението со Уставот, меѓународните правни инструменти и европските стандарди.
Предложениот модел предвидува единствен систем на полагање, со еднакви услови и исти професионални критериуми за сите кандидати, без посебни испити или различни стандарди.
Во рамките на постапката се предвидени средби на известителите на Венецијанската комисија со претставници на релевантните институции и парламентарните политички партии, како и со деканите на петте правни факултети и претставници на студентските организации.
Најавени се и практични демонстрации на писмениот дел од испитот во Апелациониот суд во Скопје и на усниот дел во Министерството за правда.
„Нашата определба е јасна: законите да се темелат на Уставот, правото и европските стандарди, а решенијата да произлегуваат од правни аргументи и стручна анализа“, се наведува во соопштението.
Не е наведен рок во кој се очекува мислењето на Венецијанската комисија.