Македонија

АЛТА банка ги проширува услугите – од денес достапно мобилното и електронското банкарство, од утре се отвора експозитура во Скопје

АЛТА банка ги проширува услугите – од денес достапно мобилното и електронското банкарство, од утре се отвора експозитура во Скопје

Клиентите на „АЛТА банка“ од денес ќе можат повторно да пристапуваат до своите сметки преку електронско и мобилно банкарство, а од утре ќе добијат и нова можност за користење на услугите во Скопје. Народната банка најави постепено олеснување на ограничувањата, со цел граѓаните полесно да располагаат со сопствените средства.

Од 10 ноември, електронското и мобилното банкарство се достапни во рамките на утврдените лимити. За клиентите кои поседуваат платежни картички важи ограничување од 15.000 денари неделно, додека за оние кои немаат картички лимитот изнесува 20.000 денари за период од две недели.

Ограничувањата се однесуваат збирно на сите сметки што клиентите ги имаат во Банката и ги опфаќаат плаќањата со картички во продавници и преку интернет, подигањето готовина од банкомати и на шалтер, како и трансакциите преку електронското и мобилното банкарство.

Дополнително, од утре, 11 ноември, повторно ќе започне со работа експозитурата на „АЛТА банка“ во Скопје, лоцирана во Трговскиот центар „Бисер“, на булеварот „Јане Сандански“ бр. 1/1. Со ова, клиентите од главниот град и околината ќе можат полесно да ги користат банкарските услуги.

Во функција остануваат и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово. Таму клиентите и понатаму ќе можат да подигаат готовина на шалтер во рамките на дозволените лимити, како и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.

Од Народната банка информираат дека продолжуваат да ја следат состојбата во „АЛТА банка“ и да работат на постепено проширување на достапноста на услугите.

Од институцијата посочуваат дека Банката продолжува да функционира, а привремената администрација останува заштитна мерка до разрешување на сопственичката состојба. Како главни приоритети се наведуваат заштитата на интересите на клиентите и зачувувањето на стабилноста на Банката.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни