Свет

„Варна сака мир, а не војна“ – демонстранти со јајца и зеленчук ја пречекаа Фон дер Лајен

„Варна сака мир, а не војна“ – демонстранти со јајца и зеленчук ја пречекаа Фон дер Лајен

Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Бугарија беше проследена со протести и инциденти во Варна. Демонстранти фрлаа јајца, овошје и зеленчук кон службените автомобили во кои се превезуваа европската функционерка и бугарскиот премиер Румен Радев.

Инцидентот се случил во вторникот, на 10 ноември, пред Поморската академија „Никола Вапцаров“, каде што Фон дер Лајен пристигнала во рамки на работната посета на земјата. Според Бугарската национална телевизија (БНТ), полицијата поставила безбедносен кордон за да ги спречи демонстрантите да се приближат до возилата, но дел од нив сепак успеале да фрлат предмети во нивниот правец.

На протестот, организиран од приврзаници на партијата „Преродба“, учествувале неколку десетици граѓани со бугарски знамиња и транспаренти против војната. Под слоганот „Варна сака мир, а не војна“, тие извикувале „Урсула, не си добредојдена“ и барале претседателката на Европската комисија да ја напушти Бугарија.

Главната причина за незадоволството биле политиките на Европската Унија во однос на војната во Украина. Демонстрантите изразиле стравување дека Бугарија може да биде вовлечена во поширок воен конфликт, а критики упатиле и кон европската економска политика и воведувањето на еврото.

„Не сакаме Бугарија да биде вовлечена во туѓа војна. Исто така, не го сакаме еврото, го сакаме бугарскиот лев“, изјавил еден од учесниците за БНТ.

Друг демонстрант ја нарекол Фон дер Лајен „амбасадор на војната“, оценувајќи дека нејзините политики се спротивни на интересите на бугарските граѓани.

Протестите не ја спречиле европската функционерка да ја посети Поморската академија и да одржи средба со бугарскиот премиер. Во фокусот на разговорите била безбедноста во Црното Море, особено поради нападите врз трговски бродови и ризиците за поморскиот сообраќај.

За време на посетата, Фон дер Лајен најавила дополнителни 10 милиони евра за Бугарија, наменети за операции за пребарување и спасување во Црното Море, како и 50 милиони евра за заедничкиот бугарско-романски центар за поморска безбедност.

Бугарскиот премиер Радев повикал на прекин на нападите врз цивилните и трговските бродови, нагласувајќи дека морнарите не се дел од вооружените конфликти и дека нивната безбедност мора да биде гарантирана.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни