Свет

Виткоф и Кушнер пристигнаа во Москва, денеска ќе се сретнат со Путин

Виткоф и Кушнер пристигнаа во Москва, денеска ќе се сретнат со Путин

Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер пристигнаа во Москва, каде што денеска треба да остварат средба со рускиот претседател Владимир Путин. Целта на посетата е да го информираат рускиот лидер за резултатите од дводневните разговори меѓу американската, руската и украинската страна, одржани во Абу Даби.

Според руската новинска агенција ТАСС, специјалните пратеници на американскиот претседател Доналд Трамп утрово слетале на аеродромот Внуково, каде што ги пречекал Кирил Дмитриев, специјален пратеник на Путин. По пречекот, американската делегација со возила се упатила кон местото на средбата.

Предвидено е Виткоф и Кушнер да му ги пренесат на Путин деталите и резултатите од разговорите во Абу Даби, по што рускиот претседател треба да одлучи за следните чекори на Москва.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, претходно најави дека американските претставници ќе го запознаат Путин со текот на преговорите и постигнатото на средбите, а конечната одлука за понатамошните активности ќе ја донесе руското раководство.

Посетата се случува во период на засилени дипломатски активности за надминување на несогласувањата и постигнување напредок во разговорите за војната во Украина. Средбата со Путин се очекува да даде насоки за тоа дали ќе има продолжување на преговорите и каков ќе биде следниот потег на Москва.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни