Ширењето неточни информации што можат да ја загрозат стабилноста на банкарскиот систем би можело да стане посебно кривично дело, за кое ќе се предвидува и затворска казна. Ова е една од новините во новиот Кривичен законик, кој е испратен до Европската комисија, а ја најави пратеничката и членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, во емисијата „Анализа“ на ТВ24.
Според Бојковска, со новата законска одредба ќе се предвидува кривична одговорност за лица кои, злоупотребувајќи ја својата службена или општествена положба и углед, преку лажни изјави или исправи пласираат неточни информации со кои може да се наруши стабилноста на банкарскиот систем.
„Не можете да ширите лажни информации, да се обидувате политички да профитирате и за тоа да не сносите одговорност. На овие ситуации ќе им ставиме крај“, порача Бојковска.
Таа упати критики кон опозициската СДСМ, обвинувајќи ја дека со изјавите за состојбата во Алта банка предизвикува страв и паника кај граѓаните. Според неа, ваквите политички реакции доаѓаат во период кога Владата и Народната банка бараат решение за преземање на банката од друга банкарска институција.
Бојковска оцени дека политичките пресметки треба да бидат оставени настрана, а надлежните институции да ја завршат својата работа професионално, со приоритет на заштитата на штедачите и зачувувањето на стабилноста на банкарскиот сектор.