Случај на семејно насилство во Кратовско открива сериозни наводи за физичко и сексуално насилство врз 42-годишна жена од Босна и Херцеговина, која живеела во село во овој регион. По лекарските прегледи било утврдено дека жената е бремена и има хематоми на одделни делови од телото.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 5 ноември 2026 година, во СВР Куманово бил пријавен случајот, по што бил извршен службен разговор со жената и нејзиниот 46-годишен партнер И. Д.
Жената во разговорот изјавила дека го слушнала партнерот како разговара со други жени, по што побарала да ѝ даде пари за да го напушти домот, но тој одбил. Мажот бил предупреден, а жената била спроведена во Прифатниот центар за странци во Скопје за понатамошна постапка.
На 10 ноември, во ОВР Кратово, Националната мрежа против семејно насилство пријавила дополнителни наводи за насилство. Според пријавата, додека живееле во вонбрачна заедница, 46-годишниот маж ја принудувал жената на полови дејствија и физички ја напаѓал.
По извршените лекарски прегледи било констатирано дека жената е бремена и има хематоми на одделни делови од телото.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.