Свет

Осум загинати при уривање на зграда во Њујорк, спасувачите трагаат по преживеани

Осум загинати при уривање на зграда во Њујорк, спасувачите трагаат по преживеани

Трагична несреќа го потресе Њујорк, откако станбена зграда во населбата Флетбуш, во Бруклин, се урна во близина на градилиште, при што животот го загубија осум лица, а најмалку 17 се повредени. Спасувачките екипи и во четвртокот продолжија со потрагата по евентуални преживеани под урнатините.

Трикатната зграда се урнала во средата околу 16 часот по локално време. Меѓу повредените има и тројца пожарникари, а четири лица се здобиле со повреди опасни по живот. Според информациите на властите, меѓу лицата погодени од несреќата има најмалку седум деца, но засега не е потврдено дали некој од загинатите е малолетен.

Во спасувачката операција биле вклучени околу 250 припадници на итните служби, кои работеле во исклучително опасни услови. На снимките од местото на несреќата се гледа како спасувачите извлекуваат повредени лица на носила, откако пробивале пат низ урнатините.

Меѓу спасените е и жена која била во шестиот месец од бременоста. Нејзиниот сопруг со часови трагаше по неа по уривањето на објектот.

Градоначалникот на Њујорк, Зоран Мамдани, изрази сочувство до семејствата на загинатите и повредените, оценувајќи дека станува збор за огромна трагедија.

„Осум жители на Њујорк ги загубија животите, а најмалку 17 се повредени, меѓу кои и тројца пожарникари“, напиша Мамдани на платформата Икс, повикувајќи ги граѓаните да се држат подалеку од местото на несреќата за да им овозможат на спасувачките екипи непречено да работат.

Урнатата зграда се наоѓала непосредно до градежна парцела на која претходно бил урнат друг, еднокатен објект. На локацијата се изведувале ископувања, а по уривањето, градежната јама била исполнета со тули и дрвена конструкција од срушената зграда.

Соседниот објект останал исправен, но дел од неговиот ѕид бил уништен, при што биле откриени внатрешните простории, меѓу кои спална соба и плакари со облека.

Истражителите од Одделот за згради на Њујорк започнале истрага за причините за уривањето. Според телевизискиот канал NY1, во мај биле евидентирани повеќе неправилности на соседното градилиште, меѓу кои продолжување на работите и покрај наредбата за нивно запирање, недостиг на соодветна надземна заштита за соседните објекти и непочитување на одобрените градежни планови.

Дали овие пропусти придонеле за уривањето допрва треба да утврди истрагата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни