Туристичкиот сектор во земјава бележи позитивни резултати, а бројот на посетители и остварени ноќевања веќе се приближува до годишните цели на Владата. Најновите статистички податоци покажуваат дека до септември Македонија ја посетиле повеќе од 1,1 милион туристи, додека бројот на ноќевања достигнал речиси три милиони.
Премиерот Христијан Мицкоски ги оцени резултатите како охрабрувачки, посочувајќи дека првичните очекувања на Владата веќе се надминати во делот на бројот на туристи.
Според него, целта поставена на почетокот на годината била Македонија да достигне еден милион туристи и три милиони ноќевања, но досегашните резултати укажуваат дека овие бројки ќе бидат надминати.
Дополнителен показател за позитивните движења е и споредбата на третиот квартал од годинава со истиот период лани. Во овој период се регистрирани 35.000 туристи повеќе, како и дополнителни 110.000 ноќевања, што претставува раст од над шест проценти кај двата показатели.
Мицкоски оцени дека ваквите резултати покажуваат напредок во туристичкиот сектор, додавајќи дека позитивните трендови се добри за економијата и граѓаните.