Балкан

Почина најстариот жител на Србија: Живееше 106 години, а до 103. возеше велосипед

Почина најстариот жител на Србија: Живееше 106 години, а до 103. возеше велосипед

Вукосав Ѓорѓевиќ од Зајечар, најстариот жител на Србија, почина на 10 ноември во 107. година од животот, оставајќи зад себе повеќе од еден век исполнет со работа, семејни моменти и историски премрежиња.

Ѓорѓевиќ е роден во 1920 година во селото Црни Врв, на падините на Стара Планина, каде што израснал во сиромаштија. За време на Втората светска војна им се приклучил на партизаните и учествувал во ослободувањето на Сараево.

По војната продолжил со воената кариера, а за десетте години поминати во војската добил неколку одликувања. Најголемиот дел од работниот век го поминал во железницата, работејќи како машиновозач.

Се пензионирал во 1977 година, но продолжил да работи. Честопати им советувал на помладите да бидат вредни и активни, верувајќи дека работата е клучот за виталноста.

И покрај длабоката старост, Ѓорѓевиќ возел велосипед до својата 103. година, а кон крајот на септември годинава го прославил 106. роденден во кругот на семејството.

Никогаш не пиел кафе или алкохол, ниту пак пушел цигари. Зад себе остави три сина и една ќерка, а моментите поминати со своите деца ги сметал за најдрагоцените спомени во животот.

Титулата најстар жител на Србија ја доби на 14 март годинава, по смртта на 106-годишниот Живорад Марковиќ од Белград.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни