Незадоволството од работата на албанската влада продолжува да ги полни улиците на Тирана. И вчера стотици демонстранти се собраа пред канцеларијата на премиерот Еди Рама, барајќи промени во власта и посочувајќи на корупцијата, недостигот од работни места и проблемите во образовниот систем.
Демонстрациите ги предводи студентското движење, а протестниот бран во албанската престолнина трае веќе неколку недели. Незадоволните граѓани бараат одговорност од владата и подобри услови за живот, образование и вработување.
Протестите во изминатиот период беа проследени со сериозни инциденти, меѓу кои палење банки, судски објекти и владини згради, како и жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Поради ескалацијата на насилството, албанските власти воведоа и строги финансиски казни. Предвидена е парична казна од 6.000 долари за учесниците на протести кои ќе прераснат во насилство, дури и во случаи кога лицата лично не учествувале во насилни дејствија.
И покрај мерките на властите, демонстрантите продолжуваат со собирите, а нивните главни барања остануваат политичка одговорност, борба против корупцијата и подобрување на условите во земјата.