Финска повторно се најде на врвот на меѓународните рангирања поврзани со квалитетот на животот, а веднаш зад неа се уште две нордиски земји. Новата листа на организацијата „Global Citizen Solutions“ покажува дека европските држави убедливо доминираат меѓу земјите кои нудат најдобри услови за среќен и исполнет живот.
Индексот ги проценува условите за живот во 50 земји, земајќи предвид повеќе фактори, меѓу кои општата благосостојба на населението, личните слободи, можностите за патување, економскиот просперитет, здравството и безбедноста.
Секоја земја добила вкупна оценка од нула до 100 поени. На првото место се најде Финска со 93,2 поени, пишува „Тајм аут“.
Високото рангирање на Финска не е изненадување, со оглед на тоа што земјата редовно се наоѓа меѓу најсреќните во светот. Таа е на врвот и на овогодинешниот Извештај за светската среќа за 2026 година, деветта година по ред.
Второто место на новата листа го зазема Исланд со 92,4 поени, додека Данска е трета со 92,1 поен. Истиот редослед овие три земји го имаат и во овогодинешниот Извештај за светската среќа.
Европските држави доминираат и во првите десет позиции на рангирањето. Единствените земји надвор од Европа кои успеале да се најдат меѓу најдобро пласираните се Нов Зеланд, на осмото место, и Сингапур, на десеттото.
Топ 10 земји со највисок индекс на среќа:
- Финска
- Исланд
- Данска
- Норвешка
- Швајцарија
- Шведска
- Холандија
- Нов Зеланд
- Австрија
- Сингапур
Резултатите уште еднаш го истакнуваат присуството на нордиските земји на врвот на меѓународните листи за квалитет на живот, при што економската стабилност, личната безбедност, здравството и слободите се меѓу факторите што придонесуваат за нивното високо рангирање.