Со букет цвеќе и кратка средба зад затворени врати, Искра Хаџи Василева официјално го започна мандатот како нова раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата. Досегашниот шеф Ислам Абази ѝ посака добредојде во новата улога, пречекувајќи ја со цветен аранжман во просториите на Обвинителството.
Хаџи Василева, која досега работеше во истата институција, рече дека просториите ѝ се добро познати, но дека сега има поинакво чувство поради новата позиција. Таа му се заблагодари на Абази за гестот и за подареното цвеќе.
По примопредавањето, двајцата обвинители одржаа кратка средба, по што заминаа во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, каде што е предвидена средба со државниот јавен обвинител Ненад Савески. По средбата, тројцата обвинители треба да дадат изјави за медиумите.
Хаџи Василева е четвртиот раководител на ова обвинителство и втора жена на неговото чело. Таа има 11 години обвинителско искуство. Професионалната кариера ја започнала во Основното јавно обвинителство Скопје, а од 2024 година е дел од тимот на ОЈО ГОКК, со кое сега ќе раководи.
За нова шефица беше избрана на непосредните избори одржани на 28 октомври, на кои учествуваа јавни обвинители од сите обвинителства во државата. Од вкупно пет кандидати, Хаџи Василева освои 64 гласа, седум повеќе од обвинителот од Вишото јавно обвинителство Скопје, Трајче Пеливанов.
Трет според бројот на освоени гласови беше Јован Цветановски со 30 гласа, додека Фатон Азизи од ОЈО ГОКК доби 14. Најмалку гласови, шест, освои обвинителката од ОЈО Скопје, Лидија Раичевиќ.
Резултатите од изборите беа потврдени од тричлената комисија на Советот на јавните обвинители на 29 октомври, а на 4 ноември Советот едногласно ја потврди Хаџи Василева за нова раководителка. Одлуката стапи во сила на 14 ноември, а два дена претходно таа ја даде и свечената заклетва.
По изборот, Хаџи Василева ги најави приоритетите во работењето, меѓу кои поефикасен и директен кривичен прогон, со посебен акцент на предметите од јавен интерес. Посочи дека ресурсите на Обвинителството се ограничени, но дека ќе настојува постојните капацитети да бидат искористени за подобри резултати, како и да се обезбеди нивно зголемување.
Во јавноста е позната по работата на повеќе предмети поврзани со висока корупција и организиран криминал. Таа го застапува случајот против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, во чиј семеен дом во Неготино беа пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид. Го потпишува и обвинението против поранешниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, за примање мито, а ја води и истрагата против поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев.
Во нејзиното досегашно обвинителско портфолио се и предметот за марихуана против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, како и случајот против кардиологот Жан Митрев, во кој била обвинителка на почетокот на постапката.