Свет

Трамп по откажувањето на летовите: Бајден нè врати години наназад

Трамп по откажувањето на летовите: Бајден нè врати години наназад

Американскиот претседател Доналд Трамп го повика Конгресот итно да одобри дополнителни средства за модернизација на американскиот систем за контрола на воздушниот сообраќај, откако голем технички дефект во петокот речиси пет часа го запре полетувањето на авионите низ САД. Трамп смета дека застарената инфраструктура мора да биде заменета одеднаш, а за повеќегодишното доцнење ја обвини администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден.

„Доколку Конгресот ги одобри неопходните средства за контролата на воздушниот сообраќај, можеме да изградиме систем брзо и ефикасно. Тоа ќе биде НАЈДОБРИОТ СИСТЕМ во светот“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут Соушл.

„Голем дел од нашиот сегашен систем за контрола на воздушниот сообраќај е стар 50 години. АПСУРДНО! Веќе започнавме со работите, но сè треба да се направи одеднаш, а не дел по дел. Конгресот мора да ги одобри средствата. Администрацијата на Бајден го врати овој процес години наназад!“, додаде американскиот претседател.

Повеќе од 20.000 летови откажани или одложени

Објавата на Трамп следува по еден од најголемите прекини во американскиот воздушен сообраќај во последните неколку децении. Поради технички проблеми, во петокот беше воведена забрана за полетување на целата територија на САД, а последиците се чувствуваа и во текот на викендот.

Според Ројтерс, биле погодени повеќе од 20.000 летови. Во петокот биле откажани илјадници полетувања, а дополнителни откажувања и доцнења продолжиле и во саботата, бидејќи авионите и екипажите останале на погрешни локации.

Ова беше само вторпат по терористичките напади од 11 септември 2001 година да биде воведена национална забрана за полетување поради технички дефект. Претходниот таков случај се случи во јануари 2023 година, кога дефект во системот за известување на пилотите предизвика проблеми кај околу 11.000 летови.

Се сомневаат во еден мрежен уред

Американскиот министер за транспорт Шон Дафи соопшти дека најновиот инцидент најверојатно е поврзан со мрежен рутер што го поставила компанијата „Л3Харис“ во рамки на модернизацијата на комуникациската инфраструктура.

Уредот почнал да испраќа повеќе од 1.000 барања за поврзување на секои четири до пет секунди, со што ја преоптоварил мрежата. Проблемите зафатиле 17 од вкупно 22 регионални центри за контрола на летањето.

Истрагата сè уште треба да утврди дали станува збор за неисправен уред или за грешка при неговата инсталација. Според досегашните информации, нема докази дека дефектот бил последица на кибернетички напад.

За модернизација се бараат десетици милијарди долари

Американскиот Конгрес веќе одобрил 12,5 милијарди долари за обновување на застарениот систем. Белата куќа и Министерството за транспорт побарале дополнителни 30,1 милијарда долари, додека Дафи се залага за уште поголеми инвестиции, во износ до 50 милијарди долари.

Застарената инфраструктура со години претставува проблем за американската контрола на воздушниот сообраќај. Некои мрежни уреди се стари околу 25 години, а Федералната управа за воздухопловство (ФАА) сè уште користи дискети, компјутери стари со децении и резервни делови што се набавуваат преку интернет.

Дафи смета дека проблемите нема да се решат со поединечни поправки, туку со целосна обнова на комуникациската мрежа, радарските системи и компјутерската опрема.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни