Македонија

АХВ чека резултати од две лаборатории за тетовската млекарница, годинава уништени 2.240 килограми вратени производи

АХВ чека резултати од две лаборатории за тетовската млекарница, годинава уништени 2.240 килограми вратени производи

Агенцијата за храна и ветеринарство спровела вонредна контрола во тетовската млекарница чии производи добија забрана за увоз во Косово поради утврдено присуство на бактеријата ешерихија коли во претходни пратки. Земени се мостри од производите и брисеви од опремата, работните површини и вработените, а резултатите од две независни лаборатории сè уште се очекуваат.

Контролата била извршена минатата недела и опфатила млечни и композитни производи, информираат од АХВ.

Косовските ветеринарни власти ја донеле забраната на почетокот на ноември. Во меѓувреме, од Косово биле вратени две пратки со вкупно 12.268 килограми производи.

Од АХВ велат дека досега не добиле официјално известување за одлуката на косовската агенција. Операторот поднел и барање за враќање пратка која се наоѓа под официјален надзор на косовските власти.

Македонската агенција наведува дека редовните и вонредните контроли во млекарницата во текот на годинава не покажале неправилности. Според АХВ, ниту лабораториските испитувања на мострите земени на 29 април и на 21 октомври, во рамките на годишната мониторинг-програма, не покажале отстапувања кај тестираните производи.

Сепак, во текот на годинава веќе биле уништени вкупно 2.240 килограми производи вратени од Косово.

На крајот на април биле вратени 12,9 тони производи. Дополнителните анализи во Македонија кај пет производи не покажале отстапувања од микробиолошките критериуми. Но, 980 килограми композитен производ биле нештетно уништени откако косовските власти го одбиле за увоз поради незадоволителен лабораториски резултат.

Во август, по враќање друга пратка, АХВ наредила уништување уште 1.260 килограми млечни производи, кои косовските власти ги оцениле како небезбедни по лабораториско тестирање. За четири други производи од истата пратка, дополнителните анализи од македонската страна покажале задоволителни резултати.

Резултатите од најновото тестирање треба да ја покажат состојбата со земените мостри и хигиената во производствениот капацитет. Во информациите од АХВ засега нема објаснување за разликите меѓу лабораториските наоди од двете земји.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни