Македонија

Клековски: Македонија бележи подобро преживување на предвреме родените бебиња од европскиот просек, следен приоритет е превенцијата

Клековски: Македонија бележи подобро преживување на предвреме родените бебиња од европскиот просек, следен приоритет е превенцијата

Македонија бележи значителен напредок во грижата за предвреме родените деца, а стапката на доенечка смртност е пониска од просекот во Европската Унија. Следниот предизвик е намалување на бројот на предвремени породувања, рано откривање на ризичните бремености и обезбедување континуирана грижа за новороденчињата и по нивното отпуштање од болница.

Ова го истакна министерот за здравство Сашо Клековски по повод Светскиот ден на предвреме родените деца, кој годинава за првпат се одбележува на 15 ноември. На настанот учествуваа и директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиоска-Папестиев, како и раководителката на Одделот за интензивна нега и терапија, Елизабета Петковска.

Според податоците на УНИЦЕФ за 2024 година, неонаталната смртност во земјава изнесува 1,05, доенечката 2,26, а смртноста кај децата до петгодишна возраст 2,8 на 1.000 живородени деца. За споредба, просечната доенечка смртност во Европската Унија во истиот период изнесувала 3,5 на 1.000 живородени.

Клековски оцени дека постигнатите резултати се должат на јасно поставените цели, програми и континуирана поддршка, која, како што рече, траела подолго од еден владин мандат.

„Кога тие три работи ќе се најдат заедно, македонското здравство испорачува резултат од светски ранг. Тоа не е успех на едно одделение – тоа е модел што може да се пренесе“, изјави министерот.

Сепак, подоброто преживување не значи и дека се намалува бројот на предвремени раѓања. Во Македонија околу 9 до 10 проценти од бебињата се раѓаат пред навршени 37 гестациски недели, што е над европскиот просек. На глобално ниво, годишно предвреме се раѓаат околу 13,4 милиони бебиња, односно приближно едно од десет новороденчиња.

Затоа, како што посочи Клековски, фокусот во наредниот период ќе биде насочен кон превенција, навремено препознавање на ризичните бремености и подобрување на здравјето на жените пред и за време на бременоста.

Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиоска-Папестиев, информираше дека во периодот од 1 јануари до 31 октомври 2026 година на Клиниката биле реализирани 3.266 породувања, при што се родиле 3.216 живи новороденчиња. Од нив, 610 или 19 проценти биле предвреме родени.

Таа појасни дека повисокиот процент во однос на државниот просек се должи на тоа што Клиниката е национален терциерен центар, каде што се упатуваат ризични бремености од целата држава.

Меѓу приоритетите за наредниот период ги посочи превенцијата и раното откривање на ризичните бремености, следењето на растот и развојот на децата по напуштањето на болницата, достапноста на специјалистички прегледи и раната интервенција. Посебно внимание ќе се посвети и на поддршката на родителите преку информации, психолошка помош и нивно активно вклучување во грижата за децата.

Напредокот на Клиниката, според Алексиоска-Папестиев, е резултат на тимската работа, модернизацијата на условите и континуираната едукација на здравствениот персонал. Во таа насока биле обезбедени 13 нови инкубатори, три беби-затоплувачи и ултразвучен апарат со три сонди за евалуација на мозокот, белите дробови и срцето кај новороденчињата. Во тек е и обновување на одделението за доносени новородени.

Раководителката на Одделот за интензивна нега и терапија, Елизабета Петковска, посочи дека кај предвреме родените и високоризичните новороденчиња се применува развојна нега, вклучително и методата на кенгурирање.

На одделот функционира и лактариум, каде што мајките можат да измолзуваат мајчино млеко за своите бебиња за време на болничкиот престој, согласно препораките на Светската здравствена организација за ексклузивно доење и рана исхрана со мајчино млеко.

Овогодинешното одбележување се одржува под мотото „Мали бебиња, голем потенцијал. Инвестирајте во континуирана грижа за да ја заштитиме нивната иднина!“. Светскиот ден на предвреме родените деца досега се одбележуваше на 17 ноември, но Светската здравствена организација го определи 15 ноември како нов датум, по формалното вклучување на денот во нејзиниот календар, поддржано на Светското здравствено собрание во 2025 година.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни