Само неколку секунди невнимание биле доволни за да се случи трагедија во семеен дом во Неа Аликарнасос, во близина на Ираклион, Грција. 18-месечно бебе починало откако дошло до мало шишенце со бензин и се напило од неговата содржина.
Таткото на детето ги опишал драматичните моменти, објаснувајќи дека неговата сопруга била со момчето во бањата. Во еден момент таа се свртела настрана, а детето ја искористило кратката пауза за да отвори ниско поставено шкафче.
Во него пронашло мало шишенце со бензин, го отворило и се напило од течноста. Мајката веднаш забележала што се случило, но не успеала навреме да реагира и да го спречи детето.
Момчето итно било пренесено во болница, каде што лекарите со часови се бореле за неговиот живот. Неговата состојба нагло се влошила, по што паднало во кома и починало.
„Никогаш нема да го заборавам мојот мал Захаријас. Никогаш не ги испуштајте децата од вид“, изјавил таткото низ солзи.
По трагичниот настан, двајцата родители биле уапсени под сомнение за изложување на малолетно лице на опасност по живот.