Македонија

Македонскиот јазик се изучува и во Јапонија – ученици во Токио учат македонски зборови, азбука и традиција

Македонскиот јазик се изучува и во Јапонија – ученици во Токио учат македонски зборови, азбука и традиција

Македонскиот јазик и култура го наоѓаат своето место и во образовниот систем на далечна Јапонија. Во средното училиште „Таканава“ во Токио, ученици со голем интерес ги изучуваат македонскиот јазик, традицијата и културното наследство на Македонија.

Активностите се организираат во рамки на Македонскиот клуб, кој го води професорот Томоки Аојама, посветен на приближување на македонската култура до младите Јапонци.

За оваа интересна образовна иницијатива информираше Амбасадата на Јапонија во Македонија, посочувајќи дека учениците преку различни активности имаат можност да се запознаат со македонската азбука, јазикот и културните особености на земјата.

Неодамна училиштето го посетиле поранешниот јапонски амбасадор и актуелен претседател на Јапонско-македонското здружение за пријателство, Оцука, како и претставничката на Амбасадата, Галина.

За време на посетата, учениците добиле работни тетратки за изучување и вежбање на македонскиот јазик, едукативни материјали од популарната „Бушава азбука“, како и македонски бајки, преку кои ќе можат дополнително да ги запознаат јазикот и книжевното наследство.

Покрај образовните материјали, на учениците им биле подарени и традиционални македонски сувенири, меѓу кои домашни чоколади и слатки. Подароците биле претставени во духот на јапонската традиција „омијаге“, која подразбира подарување сувенири и локални производи како знак на внимание и почит.

Македонскиот клуб во училиштето „Таканава“ претставува пример за културно поврзување на две географски оддалечени земји, овозможувајќи им на младите во Јапонија да научат повеќе за Македонија.

Преку ваквите активности се поттикнува интересот за македонскиот јазик и култура, а истовремено се зајакнуваат пријателските врски и културната размена меѓу Македонија и Јапонија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни