Три универзитетски клиники во Скопје добија нови директори. Министерот за здравство Сашо Клековски денеска оствари средба со новоименуваните раководители на клиниките за гастроентерохепатологија, дигестивна хирургија и пластична и реконструктивна хирургија, од кои се очекува да придонесат за подобра организација, воведување современи медицински методи и намалување на листите на чекање.
На чело на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија доаѓа вонредниот професор д-р Владимир Андреевски, специјалист по интерна медицина и супспецијалист гастроентерохепатолог. Тој досега раководел со Одделот за ендоскопија, а има богато научно и стручно искуство, со повеќе од 120 рецензирани трудови и експертиза во интервентната ендоскопија.
Со Универзитетската клиника за дигестивна хирургија ќе раководи д-р Панче Караѓозов, специјалист по дигестивна хирургија, кој дополнително се усовршувал во областа на лапароскопската хирургија во Виена и Истанбул.
За нов директор на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија е именуван д-р Благоја Србов, специјалист во оваа област и асистент на Медицинскиот факултет во Скопје. Србов е и еден од основачите на Македонската асоцијација за реконструктивна микрохирургија.
На средбата, министерот Клековски им честитал на новите директори, нагласувајќи дека нивниот ангажман треба да биде насочен кон стабилно функционирање на здравствените установи, воведување нови дијагностички и терапевтски процедури и обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните.
Скратувањето на листите на чекање и враќањето на довербата на пациентите се меѓу главните приоритети што Министерството ги поставува пред новите раководства.
Клековски остварил средби и со досегашните директорки, проф. д-р Мери Трајковска и прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска, на кои им се заблагодарил за досегашната работа. Благодарност упатил и до поранешниот директор на Клиниката за дигестивна хирургија, проф. д-р Огнен Костовски.
Од Министерството за здравство посебно го истакнуваат придонесот на Костовски и Ѓорѓиевска-Павловска, кои заедно со своите медицински тимови биле директно вклучени во згрижувањето на повредените од трагедијата во Кочани.
Воедно, посочуваат дека за време на раководењето на проф. д-р Мери Трајковска, на Клиниката за гастроентерохепатологија биле воведени четири нови методи на лекување.
Со новите кадровски решенија, Министерството очекува континуитет во работењето, понатамошно унапредување на медицинските услуги и поефикасно функционирање на трите универзитетски клиники.