Македонија

Протест во Охрид по нападот врз Сара Ѓорѓиеска – барања за одговорност, заштита на жртвите и истраги без политички влијанија

Протест во Охрид по нападот врз Сара Ѓорѓиеска – барања за одговорност, заштита на жртвите и истраги без политички влијанија

Физичкиот напад врз Сара Ѓорѓиеска повторно го отвори прашањето за насилството врз жените и постапувањето на надлежните институции. Вечерва пред СВР Охрид се одржа мирен протест, на кој беа упатени повици за поголема заштита на жртвите, навремено реагирање на полицијата и ефикасни истраги без политички притисоци.

На собирот се обрати претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Каја Шукова, која порача дека насилството врз жените не смее да се третира како изолиран проблем, туку како сериозна општествена појава што бара системски решенија.

Според Шукова, проблемите не завршуваат со самиот чин на насилство, туку продолжуваат и во институционалните постапки, каде што, како што оцени, често се покажуваат слабости во заштитата на жртвите и во утврдувањето на одговорноста.

„Бараме да има сериозна превенција за да се спречат нови облици на насилство и нови фемициди. Бараме одговорност и да нема политички влијанија во процесот на истрага и судење. Бараме секоја жртва да биде заштитена“, изјави Шукова.

Таа побара секоја пријава за семејно насилство да биде сфатена сериозно и институциите веднаш да постапуваат, со цел да се спречат нови напади и трагични последици.

Повикот беше упатен до Министерството за внатрешни работи, полициските служби, обвинителството и центрите за социјална работа, од кои Шукова побара координирано дејствување и поголема одговорност.

Притоа нагласи дека борбата против насилството треба да ги обедини сите граѓани, независно од нивната политичка, верска или друга припадност.

„Ова е тема што нè засега сите. Сите сме нечии ќерки, сестри, мајки, баби“, порача Шукова, повикувајќи и мажите и жените заеднички да се спротивстават на насилството.

Граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“ се огради од политичкото вмешување

Сепак, протестот беше проследен со несогласувања околу неговата организација. Претходно најавениот граѓански протест беше откажан поради обвинувања за политизирање на случајот.

Од граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“ јавно реагираа на, како што наведуваат, партиските притисоци и обидите за преземање на граѓанскиот револт.

„Секој обид женското движење и бунт да се инструментализираат од страна на која било партија и политички структури е недозволиво и е дел од проблемот“, порачаа од иницијативата.

Оттаму сметаат дека политичките партии имаат институционални механизми преку кои можат да придонесат за решавање на проблемот и дека треба да преземат одговорност за долгогодишните пропусти во системот за заштита на жените.

„Улиците и протестите ни припаѓаат нам, граѓаните. Гневот нема да ни го земете“, порачаа од „Ниту една повеќе“.

Случајот со Сара предизвика силни реакции во јавноста

Нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска предизвика бројни реакции и барања за одговорност. Охридското обвинителство поднесе обвинителен предлог против 31-годишен маж за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Главната расправа е закажана за 27 ноември.

Случајот повторно ги отвори прашањата за ефикасноста на институциите, заштитата на жртвите и потребата од навремено постапување по пријавите за насилство.

И покрај несогласувањата околу организацијата на протестите, заедничкото барање што произлезе од реакциите е насилството врз жените да се спречува преку конкретни институционални мерки, а секоја жртва да добие навремена заштита и пристап до правда.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни