Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши оценува дека засега нема индикации за воведување интервентни мерки за намалување на цените, бидејќи, според него, цените и инфлацијата се под контрола.
Меѓу најавените приоритети за следната година се повеќе вработувања, следење на цените, особено на храната, и намалување на административните обврски за малите и средните претпријатија.
Според податоците на Државниот завод за статистика, годишната инфлација во октомври изнесувала 3,3 проценти. На месечно ниво, трошоците за живот пораснале за 0,7 проценти, додека кај храната и пијалаците растот бил 0,4 проценти.
Дурмиши посочува дека Пазарниот инспекторат континуирано врши контроли во маркетите, како и кај дистрибутерите и увозниците. Доколку бидат утврдени нарушувања или прекршувања на Законот за нефер трговски практики, најавува дополнителни контроли и активирање мерки за заштита на животниот стандард.
Во најавите пред брифингот со новинарите беше посочена и целта до крајот на годинава административните постапки за малите и средните претпријатија да се намалат за 50 проценти. Очекуваните заштеди се над четири милиони евра. Најавено е и намалување на 24 парафискални давачки, во согласност со реформската агенда.
За мерките за вработување следната година се планирани 44,4 милиони евра, наспроти 40 милиони евра предвидени со годинашниот оперативен план.